Како да нацртате еднорог чекор по чекор
Macedonian (Македонски јазик) translation by Martina Kovilevska (you can also view the original English article)



Она што најмногу го сакам за цртањето е тоа што ни овозможува да претставиме нереални работи како да се реални. Доколку сакате да ја почувствувате возбудата на создавањето, во овој туторијал ќе ви покажам како да нацртате прекрасен, реалистичен еднорог. Овие суштества не биле само „коњи со рогови” - тие биле опишани како слични на кози, со разделени копита и опашка како на магаре. Се вели дека нивните рогови имале магични моќи, но бидејќи биле многу плашливи, се фаќале само со помош на нежна девица.
Денес, повеќе не се верува дека еднорозите се вистински, но може да се оживеат со помош на уметноста. Не мора да знаете како да цртате коњи, или рогови - Јас ќе ве водам чекор по чекор! Но, ако сакате да бидете подобро подготвени, пробајте го прво овој туторијал:
1. Направете скица од поза на еднорог
Чекор 1
Започнете со овал за градниот кош. Не мора да е перфектен овал и слободно корегирајте го толку пати колку што е потребно. Линиите што овде ви ги покажувам се прецизни, за да можете да видите точно што цртам - обично би биле многу понеуредни!



Чекор 2
Додаjте го задникот. Неговата големина и оддалеченост од градниот кош ќе го дефинира обликот на телото. Ако ова беше вистински коњ, ќе требаше да внимавате да ја добиете правилната форма, но еднорозите не се коњи - тие се сметаат за посебен вид, најчесто помали/послаби. Затоа не грижете се ако вашиот изгледа поразлично од мојот!



Чекор 3
Додајте ги вратот и главата. Уште еднаш, можете да ги искористите моите пропорции, или да ги модифицирате за нешто пооригинално.



Чекор 4
Можете да ја изберете која сакате поза за вашиот еднорог, но ќе биде пореалистично ако позајмите една од коњ. Погледнете го мојот туторијал за цртање на коњи, за да изберете поза. Јас одлучив да искористам рамка од краток галоп - тоа е брзо, но многу елегантно каскање.






Чекор 5
На крај, додајте опашка:



2. Нацртајте го телото на еднорогот
Чекор 1
Сега ќе почнеме да додаваме форми кои се карактеристични за коњско тело. Нацртајте ја главата и муцката...



Чекор 2
... потоа, поврзете ги со две линии и додајте ги ушите одозгора на главата.



Чекор 3
Ова ќе биде окото:



Чекор 4
Додајте некои детали на главата и започнете да ги градите копитата. Прилагодете го правецот на линиите според аголот на нозете. Обично копитата би биле поголеми, но во мојата верзија еднорозите се многу слични со срните во овој дел.



Чекор 5
Довршете ги копитата:






Чекор 6
Додајте ги зглобовите и петите. Да, ова не се колена.



Чекор 7
Додајте некои детали на петите. Коските многу се гледаат во овој предел, и тие го создаваат типичниот коњски изглед.



Чекор 8
Додајте го бутот и надлактицата.



Чекор 9
Поврзете ги деловите на нозете со нежни линии.



Чекор 10
Пред да го нацртаме вратот добро е да додадеме неколку линии по кои ќе се водиме: задниот дел на плешката и ширината на вратот.



Чекор 11
Сега можете да ја довршите контурата на телото.



3. Нацртајте рог на еднорог
Чекор 1
Рогот на еднорог можеби изгледа комплицирано, но всушност постои едноставна формула за него. Започнете со тоа што ќе ја дефинирате неговата должина и правец, со една линија.



Чекор 2
Вкрстете го со дијагонални линии, закосувајќи ги се повеќе и повеќе како што се приближувате кон врвот.



Чекор 3
Додајте дупликат на секоја од линиите подолу, оставајќи малку простор помеѓу нив.



Чекор 4
Поврзете ја со лак секоја од линиите со нејзиниот дупликат.



Чекор 5
Нацртајте конкавни лакови помеѓу нив.



4. Довршете го цртежот
Чекор 1
Што би бил еднорогот без неговата фабулозна грива? Додајте малку преубава коса тука и таму. Традиционално, еднорозите се претставени со тафтени опашки, но ако сакате слободно употребете нормална коњска опашка.



Чекор 2
Вашиот цртеж сега изгледа многу нечисто, со многу линии коишто се прекрстуваат и се поклопуваат меѓусебе. Но, тоа е нормално! За да создадете чиста слика од ова, можете да искористите еден од овие трикови:
- Креирајте нов слој, ако цртате дигитално.
- Скенирајте го цртежот, намалете ја јачината на бојата со помош на програма, потоа испринтајте го со одвај видлива скица.
- Прецртајте ги најважните линии со пенкало или маркер. Ставете нов лист хартија над скицата - темните линии треба да се гледаат преку листот.
Запомнете: прекопирањето на вашиот сопствен цртеж не е мамење!



Чекор 3
Продолжете да цртате на новиот дигитален слој/ископираната скица/новиот лист хартија. Овој пат бидете повнимателни со линиите, бидејќи тие се финалните линии. Можете повторно да го искористите мојот туторијал за цртање на коњи, за да додадете реалистични детали, но можете да го довршите и со ваш сопствен стил. Исто така, секогаш е добро да користите упатство за овој дел:
- Бел коњ
- Коњска глава
- Коњ што трча









Неверојатен цртеж!
Еднорозите можеби не се вистински, но вие штотуку создадовте еден! Има ли нешто друго што би сакале да научите да цртате? Кажете ми во коментарите!



Unlimited Downloads.


